ЧЕСТО ПОСТАВУВАНИ ПРАШАЊА

1. Дали МКФ се применува за сите лица или само за лицата со попреченост?

МКФ (Меѓународна класификација на функционирање, попреченост и здравје) се применува за сите лица, но основа за упатување на функционална проценка е лицето да има некое засегање во здравствената состојба. „Засегната здравствена состојба“ е општ термин за болест (акутна и хронична), нарушување, повреда или траума но може да вклучи и други околности како што се бременост, стареење, стрес, конгенитална аномалија или генетски предиспозиции. Засегнатите здравствени состојби се кодирани со помош на МКБ-10.

2. Што всушност претставува функционалната проценка? Зошто ни е потребна?

Теоретски концептот на МКФ се базира врз функционалното разбирање на здравјето. „Функционалното разбирање„ значи дека здравиот човек покажува функционални (телесни) структури и може да го прави она што другите лица поврзани со неговата социо-културна средина обично можат да го прават. Функционалноста многу повеќе се фокусира на УЧЕСТВОТО. Учеството подразбира детето да биде вклучено и да може да го прави сето она, што децата на иста возраст и нивните семејства можат да го прават. Ова значи дека функционалната проценка се однесува на статистички и социо-културни норми, или во случај на деца, на функции РЕЛЕВАНТНИ ЗА ВОЗРАСТА. Индивидуалните барања треба да бидат земени во предвид. Она што е добро за едно семејство, не значи дека исто така ќе биде добро и за следното семејство. Функционалната проценка ни е потребна за да ја одредиме потребата од дополнителна поддршка. Секогаш кога се разгледува потреба од дополнителна поддршка, главен индикатор е „целосно учество/целосно функционирање.“ При тоа треба да се има во предвид кои услуги/технички помагала/архитектонски прилагодувања се потребни за да дете (со здравствен проблем) може целосно да УЧЕСТВУВА во општеството (=може да ги прави истите/споредливи работи како и децата без здравствен проблем). Тоа се подразбира под „функционална проценка“.

3. Како да ги разликуваме активностите од учеството?

Домените на компонентата „Активност и учество“ се дадени во една единствена листа која го опфаќа целиот спектар на животни области (почнувајќи од основното учење па се до сложени области како што се меѓучовечки интеракции или вработување). Активноста е извршување задача или дејство од страна на поединец. Учеството е вклучување во животна ситуација. Лимитираност на активноста се тешкотиите што поединецот може да ги има при вршење активност а ограничувањето во учеството е проблемот што поединецот може да го доживее при вклучување во животни ситуации.

4. Колку време е потребно тимот за проценка директно да работи со детето за да се направи добра функционална проценка?

Самиот процес на функционална проценка вклучува добивање информации од различни извори (семејство, градинка, дневен центар итн.) кој се обработуваат пред детето да биде повикано на проценка. Директното време за работа со детето зависи од повеќе фактори, пред се од способностите на детето, семејното опкружување итн. и доколку сите достапни информации се претходно собрани во просек за квалитетна функционална проценка потребно е директна работа со детето од 40 до 60 минути.

5. Дали со МКФ се поставува дијагноза?

Не, дијагностиката се воспоставува врз основа на МКБ-10, во дијагностичките здравствени установи

6. Каква е структурата на стручниот тим кој врши функционална проценка во Р.Северна Македонија?

Во секој стручен тим за функционална проценка по МКФ во Р.Северна Македонија задолжително е вклучен лекар, специјален едукатор и рехабилитатор, психолог и социјален работник. Член на тимот е и родителот на детето и лице од доверба на родителот.

7. Дали со МКФ се проценуваат специфичните способности на децата со попреченост?

Една од целите на МКФ е да ги нагласи индивидуалните способности на една личност (дури и со најтешки здравствени проблеми) со цел да иницира промена на фокусот од дефицит кон способност. Ова значи дека не се занемаруваат потешкотиите во развојот туку дека примарниот фокус е на тоа што една личност со некаков здравствен проблем може да направи а не на она што неможе да го направи и каква поддршка е потребна за тоа што може да го прави да го прави на најдобар можен начин. Функционалната проценка значи дека стручниte тела (комисии) ќе проценуваат што лицето со здравствен проблем е способно да прави и во колкава мера во споредба со она што се способни да го прават другите лица во соодветниот социо економски контекст МКФ ни пружа нов поглед кон луѓето со попреченост– поглед фокусиран на она што луѓето можат да го направат, наспроти само на бариерите на попреченоста.

8. Како според МКФ се определува дали едно дете има попреченост или не?

Според МКФ попреченоста не е резултат само на присуство/отсуство на одредена дијагноза. На попреченоста според МКФ се гледа како на еден динамичен процес во кој истата настанува како резултат од интеракција помеѓу лицето (со неговото индивидуално био-психо-социјално функционирање) и неговото релевантно социјално и материјално опкружување. Тоа опкружување може да биде фасилитатор или пречка за целосно функционирање. Според МКФ „Попреченоста се подразбира како интеракција помеѓу едно лице и неговата околина. Терминот попреченост притоа претставува општ термин за сите нарушувања на функционалноста на едно лице.“

9. Која е разликата помеѓу МКФ и МКБ? Зошто ни е потребна нова класификација?

МКФ се потпира на високо индивидуализиран пристап со кој се прави класификација на ситуации преку повеќе компоненти (структури, функции, учество и околина и лични фактори) за разлика од МКБ со која се прави редукција, односно намалување на индивидуалната комплексна реалност при што се оди кон апстрактни поими кои се изразени преку одредена шифра т.е. дијагноза. МКФ ни е потребна за да го опишеме функционирањето на една личност со засегната здравствена состојба во средината во која живее и врз основа на тоа да ја определиме потребната поддршка, затоа што со МКБ не ги добиваме овие информации. Овие две класификации се комплементарни и се надополнуваат

10. Како може МКФ да се применува во други институции, пр.градинки, училишта? Дали треба задолжително да се поставуваат кодови и квалификатори?

При запишување на децата со попреченост во градинките и училиштата тие најчесто доставуваат функционална проценка направена од стручните тимови за функционална проценка така да наставниците, воспитувачите и другите стручни лица веќе имаат основа да прават прилагодување на наставните програми врз основа на МКФ. Се препорачува овие прилагодувања да се базираат врз основа на учеството на децата со попреченост, кое треба да се следи при што доволен е само наративен опис на истото без да се навлегува во кодирање и да се одредуваат квалификатори. За таа цел е изработена и листа на инклузија базирана на учество која може да се превземе од www.icf-inclusion.net

11. Која е улогата на родителот како член на тимот за проценка на неговото дете? Како да бидеме сигурни дека правилно партиципираме во работата како родители?

Родителот ја покренува иницијативата за функционална проценка на своето дете. Родителите се запознаени со моменталната здравствена состојба на своето дете, знаат колкаво му е учеството во секојдневното функционирање, знаат што детето може да прави и што му е потребно за подобро функционирање. Исто така родителот е најкомпетентен за опис на средината во која живее детето и влијанието на истата, поддршката која ја добива детето за извршување на одредени активности, ставовите на средината итн...
Како рамноправен член на тимот за проценка родителот има право да каже и задолжително да биде земен во предвид неговиот став во поставувањето на целите за детето што е на проценка. Родителот има право на избор на услуга која ќе му биде препорачана на детето за да ги оствари целите кои му се поставени, а кои се произлезени како резултат на проценката.
Родителите заеднички со останатите членови на тимот одлучуваат за проценката и за мислењето во однос на потребата од поддршка и услугите кои треба да ги добие нивното дете. За да заедничкото одлучување биде одржливо родителите треба да имаат целосни информации за неопходните чекори и исходот, како и да се запознаени со нивните законски права и обврски.

12. Дали може да се направат грешки при имплементација на МКФ? Дали постои правилна имплементација?

Кога се работи за имплементација на МКФ најважно е да се применува основната филозофија на МКФ и етичките насоки кои се дадени во прилог на самата класификација. Самата МКФ не нуди упатство за имплементација што резултира со различни пристапи и форми на апликација кој обично се прилагодени на различни контексти во однос на намената за која се прави функционална проценка по МКФ (стручни тимови, градинки, училишта итн..) Грешки се можни само доколку се отстапи од основната филозофија и етичките насоки за примена на МКФ.

13. Каде се прави функционална проценка по МКФ?Дали може тимот да дојде во домот на детето?

Функционалната проценка се прави во природни услови соодветни на возраста на детето. За помалите деца просториите во кои се прави проценката се опремени со играчки и наликуваат на игротека додека за возрасните истата се извршува во кабинети или други простории за проценка. Во зависност од состојбата на детето стручниот тим моѓе да ја направи функционалната проценка и во природно опкружување на детето, во домот, училиштето итн.

14. Зошто се потребни толку чести контролни проценки кога веќе имаме дефинитивна дијагноза?

За децата и малдите до 18 години контролната проценка е задолжителна најмногу за 2 години. Тоа е затоа што при функционалната проценка се проценува влијанието на средината врз лицето, а таа за разлика од дијагнозата често се менува. Исто така се преиспитува дали дадената поддршка е добиена и дали определените развојни цели се постигнати. Сето ова е во најдобар интерес на детето, кое е во развој.

15. За остварување на одредено право често се случува да треба да се направат дополнителни дијагностички испитувања но понекогаш се случува да е потребно подолго време за да се постави дијагнозата. Дали во тие ситуации може да се добијат одредени права и услуги?

Добивањето на одредени права и услуги е дефинирано со позитивните законски одредби и за жал одредени права се остваруваат само врз основа на одредени дијагнози односно степен на попреченост така да за нив е задолжителна прецизна и детална дијагностика (вид, слух идр.). Стручниот тим врз основа на ограничувањата во учеството може да препорача одредени услуги и без дијагностика, посебно кога се работи за вклучување на помалите деца во одредени институции каде треба да добијат третман или интервенции, но само доколку услугата не е предвидено со позитивните законски прописи услугата да се добива врз основа на дијагноза.

16. Често се случува да има разлика во ставовите и мислењата помеѓу стручните лица кој работат со детето (наставници, воспитувачи) и родителите околу способностите на детето. Дали тоа се зема во предвид при проценката?

Да задолжително стручниот тим ги зема во предвид сите ставови од средината кои влијаат на развојот на детето и истите ги евидентира во посебно поглавје наменето за средината. Мислењето во однос на функционалните способности доминантно се определува на основа на опсервација и примена на тестови за постигањата на детето за време на проценката во која учествува и родителот, а во однос на учеството и врз основа на изјавите на родителите, наставниците и други лица од опкружувањето на детето. Крајниот исход од проценката се постигнува со консензус на членовите на стручниот тим.

17. Што се случува доколку определените цели врз основа на функционалната проценка не се исполнат? Колку цели треба да се определат?

Целите вообичаено се определуваат во подрачјето на учеството, и тие се јасни и мерливи. Доколку одредени цели при контролната проценка се утврди дека не се исполнети се бара причината за тоа, односно дали препорачаните услуги се добиени и во кој обем се добиени. Најдобро е да се формулираат 4 до 5 цели затоа што по правило и професионалците и родителите тешко можат да запомнат повеќе цели за одреден период, па со тоа и нама да работат на нивна реализација.

18. Каде може да направам функционална проценка за своето дете?

Во Република Северна Македонија функционалната проценка се прави при Службата за функционална проценка на деца и млади при ЈЗУ Здравствен дом на Скопје.

19. Дали родителите треба да платат за да направат функционална проценка на своето дете?

Не, проценката е бесплатна за родителите и истата е покриена од страна на Фондот за здравствено осигурување.

20. Дали класификацијата МКФ е преведена на македонски јазик и како може да се добие истата?

Да, класификацијата МКФ е преведена на македонски јазик од страна на Канцеларијата на УНИЦЕФ Скопје во 2017 година и истата може да се превземе од: https://www.unicef.org/northmacedonia/mk/